• 2016 25 Јуни
    Соопштенија ДОНАТОРСКА АКЦИЈА ВО СОС ДЕТСКО СЕЛО

ДОНАТОРСКА АКЦИЈА ВО СОС ДЕТСКО СЕЛО

Шпаркасе Банка Македонија во рамките на својата стратегија и активностите кои се дел од платформата Sparkasse Life, веќе четврта година по ред ја реализира својата поддршка за децата од СОС Детско село. Оваа година, во пресрет на 15 годишениот јубилеј на СОС Детско село, решивме повторно да ги поддржиме нашите мали пријатели.

Годинава, главниот акцент во СОС Детското село е подобрувањето на животните услови на децата, реновирање на семејните куќи, промена на прозорци, фасади и сл. активности кои се од голема важност за подобрување на квалитетот на живеење на овие деца.

Шпаркасе Банка Македонија заедно со Винер Осигурување ја обезбедија потребната финансиска поддршка за бојадисување на внатрешните ѕидови на 11 семејни куќи, со што се овозможи освежување, дезинфекција и разубавување на животниот простор на децата.

„Со цел да ја помогнеме и искажеме нашата искрена грижа и поддршка за децата без родители и родителска грижа, вработените во Шпаркасе Банка Македонија и Винер Осигурување учествуваа во заедничката работна акција за децата од СОС Детско село. Вработените од овие две компании, заедно со децата, ги бојадисаа оградите и детскиот забавен парк, го уредија дворот со садници, имаа заеднички појадок и многу дружење.“ - изјави Тодорка Сајкова, Директор на Службата Маркетинг и комуникации во Шпаркасе Банка Македонија.

Александра Ивановски, ВД директорот на програми во СОС Детско село Скопје, изјави: „Ние, во СОС Детско село Македонија го прославуваме 15 годишниот јубилеј. Сите овие години сме посветени во работата со децата, се обидуваме да им подариме топол дом и грижа. Благодарни сме на нашите пријатели кои заедно со нас помагаат во остварувањето на нашата визија дека секое дете му припаѓа на семејството, дека треба да расте во љубов, со почит и со чувство на сигурност. Градиме семејства за деца во ризик, им помагаме да ја оформат сопствената иднина и учествуваме во развојот на нивните заедници. Пријателите од Шпаркасе Банка ја согледаа оваа потреба и благодарни сме им за тоа што заеднички ќе го разубавиме просторот во кои растат децата од СОС Детско село Македонија“.

Шпаркасе Банка Македонија во континуитет ја продолжува и развива својата стратегија за општествена одговорност преку реализација на бројни проекти кои се наменети за поддршка на социјално ранливи категории на лица, децата без родители и родителска грижа, болните од ретки и тешки заболувања, како и развојот на спортот и културата во државата. Соработката со СОС Детско село се гради веќе неколку години низ реализација на проекти кои ја покажуваат вистинската грижа кон оваа категорија на лица, чија цел е да им се овозможат нормални условите за живот и насочување на развојот на децата во склоп со заедницата на која и припаѓаат.