Почитувани клиенти,
Водејќи се од принципите за општествено одговорно работење, Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје како дел од Штаермеркише Шпаркасе Групацијата и согласно усвоените мерки од страна на Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија, објавува Понуда за промена на договорните услови за кредитните производи наменети за клиентите – физички лица со цел полесно премостување на негативните ефекти од Ковид-19 кризата.
Согласно со Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик на НБРСМ („Службен весник на Република Северна Македонија бр.76/20 од 24.03.2020 година) и Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на Република Северна Македонија бр.80/20 од 27.03.2020 година), со цел минимизирање на негативните ефекти од Ковид-19 кризата, Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје на ден 01.04.2020 година, ја објавува следната
П О Н У Д А
за промена на договорни услови бр. 13.977/1
Одложување на отплата на кредитни обврски за период од 6 месеци и продолжување на рокот на отплата на кредитите за 6 месеци
Понудата се однесува за сите физички лица, клиенти на Банката кои се корисници на кредитни производи и кредитни картички, со класификација на категорија на кредитен ризик А, Б и В и кои немаат статус на нефункционална изложеност на 29.02.2020 година.
Детални понуди според тип на производ:
I. Корисници на кредит
1. Грејс период за отплата од 6 (шест) месеци, почнувајќи од април 2020, a заклучно со септември 2020 година во кој период нема да достасуваат месечните ануитети по кредитите.
2. Продолжување на крајниот рок на отплата на кредитот за период од 6 (шест) месеци.
3. Пресметаната камата за цело времетраење на грејс периодот рамномерно ќе се распореди за наплата во ануитетите согласно новиот амортизационен план. Банката нема да пресметува камата на распоредената камата.
4. Трајниот налог и административната забрана ќе бидат ставени во мирување заклучно со 30.09.2020 година. Ве молиме да го известите Вашиот работодавач за време на грејс периодот административната забрана за отплата на кредитот да биде ставена во мирување.
5. Самостојни уплати на кредитната партија се дозволени за време на грејс периодот. Банката овие уплати ќе ги евидентира на следниот начин:
- a. за кредитна партија со недоспеани обврски, ќе се сметаат како примени аванси во текот на грејс периодот, кои во септември 2020 година кумулативно ќе се евидентираат како уплата за предвремена отплата на недоспеаната главница, без доставување на писмено барање од страна на корисникот на кредитот.
- б. за кредитна партија која има доспеани обврски, ќе се сметаат за затворање на доспеаните обврски по редослед и во рок предвиден во Договорот за кредит. За уплатите кои ќе следуваат по затворање на доспеаните обврски, ќе се постапува согласно точка 5, став а. од оваа Понуда.
6. Нов Амортизационен план за отплата: По евидентирање на сите промени на кредитното салдо предвидени во точка 3 и 5 од оваа Понуда, како и согласно промената од точка 2, во септември 2020 година. Банката ќе изготви нов амортизационен план на отплата на кредитот и почнувајќи од октомври 2020 година ќе продолжи со редовно доспевање на ануитетите по кредитот. Банката ќе го извести корисникот на кредитот за новиот износ на ануитетот на начин предвиден во Договорот за кредит.
7. Затворање на кредит во текот на грејс периодот: Доколку корисникот на кредитот, во текот на грејс периодот изврши целосна отплата на кредитот, се применуваат одредбите предвидени во Договорот за кредит.
8. Полиса за животно осигурување: клиентите кои користат кредитно осигурување ќе бидат дополнително известени за начинот на одржување на осигурувањето во важност.
II. Корисници на КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ
1. Грејс период: Во периодот од 6 (шест) месеци, од април до септември 2020 година, износот на месечниот минимум за плаќање ќе изнесува 0% од искористениот кредитен лимит на крајот од месецот, односно НЕМА да достасува месечен износ за плаќање.
2. Камата пресметана за време на грејс периодот: Во грејс периодот Банката ќе пресметува и наплатува камата согласно одредбите предвидени во Договорот за користење кредитна картичка.
3. Период на враќање во редовна отплата: Почнувајќи од 01.10.2020 година, како основа за пресметката на минимален износ за плаќање предвиден во Договорот за кредитна картичка, ќе се користи долгот на сметката со состојба 30.09.2020 година.
4. Самостојни уплати на кредитната картичка: За време на грејс периодот корисникот има право самостојно да врши уплати на кредитната картичка. Сите уплати на сметката на кредитната картичка извршени во грејс периодот, ќе се евидентираат како приливи на сметката и ќе бидат на располагање на корисникот за користење со картичката.
III. Корисници на ДОЗВОЛЕНО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ на платежна сметка
Во периодот од 01.04.2020 до 30.09.2020 секоја дополнителна уплата од страна на корисникот ќе го намалува долгот по основ на искористено пречекорување и истиот ќе биде повторно на располагање на корисникот.
Камата: Во наведениот период, Банката ќе пресметува и наплатува камата согласно одредбите предвидени во Договорот со кој е регулирано дозволено пречекорување.
ДОГОВОРНИ УСЛОВИ ЗА СИТЕ ТИПОВИ ПРОИЗВОДИ
Правно дејство на Понудата:
Променетите услови кои произлегуваат од оваа понуда произведуваат правно дејство спрема должниците, солидарните должници и заложните должници без склучување на нови договори/анекси кон договорите.
Правното дејство на променетите услови има важност на целокупна договорна пропратна документација (амортизациони планови, трајни налози и друга документација), сите нотарски исправи и обезбедувања (договори за залог владетелски-невладетелски, меници, гаранции, договори за осигурување/полиси за осигурување, договори за пристапување кон долг, и останати договори за било какво друго обезбедување) и тоа без склучување на нови договори/анекси кон постоечките договори, нотарските исправи и останатите инструменти на обезбедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.
Понудата е неделива и важи само со кумулативно исполнување и прифаќање на сите погоре наведени услови и за сите кредитни производи на клиентот во Банката.
Останати договорни одредби: Сите останати договорни одредби од постоечките договори, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на договорите, вклучувајќи го износот на доспеаните, а неплатени обврски, во периодот пред објава на оваа Понуда.
Со објавувањето на оваа Понуда на веб-страницата на Банката, се смета дека Понудата е доставена до сите физички лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници, на денот на објавувањето.
Сите физички лица-должници кои ги исполнуваат условите на оваа Понуда, а кои сакаат да продолжат со редовна отплата на истите без промена на договорните услови, во рок од 10 (десет) дена од објавата на оваа Понуда, односно најдоцна до 11.04.2020 година, задолжително е да ја ОДБИЈАТ Понудата со известување до Банката по електронски или писмен пат или со јавување во Контакт Центарот на Банката, а во спротивно ќе се смета дека Понудата е прифатена. По електронски пат Понудата може да се одбие во било кое време во наведениот рок, а во Контакт Центарот на Банката секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот во наведениот период.
Физичките лица коишто нема да ја одбијат Понудата на Банката до 11.04.2020 година, се смета дека ја прифатиле Понудата, со што сите услови од оваа Понуда стануваат полноважни и се сметаат за составен дел на склучените договори со физичките лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници, како и на целокупна договорна пропратна документација и на сите нотарски исправи и обезбедувања без склучување нови договори и/или анекси.
ВАЖНА НАПОМЕНА:
Физичките лица кои ја ПРИФАЌААТ Понудата НЕ ИСПРАЌААТ никакво известување до Банката и договорните услови се сметаат за променети согласно оваа Понуда на 11.04.2020 година.
Известување испраќаат исклучиво клиентите кои ја ОДБИВААТ Понудата, и тоа само преку ЕДЕН од понудените начини за известување наведени во продолжение:
А.Директно известување по електронски пат на мејлот covid19retail@sparkasse.mk, во кое ги наведувате последните 4 (четири) броеви од Вашата платежна сметка и последните 6 (шест) броеви од Вашиот единствен матичен број.
Б. Со јавување во Контакт центар на телефонскиот број 02/3200-600 со идентификација со последните 4 (четири) броеви на Вашата платежна сметка и последните 6 (шест) броеви од Вашиот единствен матичен број.
В. Писмено известување на следната адреса: Ул. Македонија 9-11, 1000 Скопје, со назнака „Одбивање на Понуда со број 13.977/1 од 01.04.2020 година“, при што во самиот документ треба да наведете име и презиме, датум и своерачен потпис, како и да се идентификувате со:
- последните 4 (четири) броеви од Вашата платежна сметка
- последните 6 (шест) броеви од Вашиот единствен матичен број.
Сите писмени известувања, кои ќе бидат примени во архивата на Банката на горенаведената адреса или испратени по пошта со поштенски печат на ковертот во рокот додека важи Понудата, односно заклучно со 11.04.2020 година, ќе бидат прифатени согласно важноста на Понудата.
Датум на објава на понудата: 01.04.2020 година.
Шпаркасе Банка Македонија АД СКОПЈЕ