• 2017 23 Ноември
    Соопштенија ДИРЕКТОР НА ДИРЕКЦИЈА ЗА УСЛУГИ СО ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ

ИНТЕРВЈУ НА ИГОР БОЈКОВСКИ, ДИРЕКТОР НА ДИРЕКЦИЈА ЗА УСЛУГИ СО ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ

Шпаркасе Банка Македониај АД Скопје е најнова членка на Македонската берза, ќе можете да ни кажете кои се новите услуги и производи кои ќе им се нудат на клиентите ?

Да, така е, на почетокот од годината Шпаркасе Банка ја формираше новата Дирекција за услуги со хартии од вредност и стана членка на Македонската берза за хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност. Со ова, покрај тргувањето со државните записи и обврзници, каде имаме повеќегодишно искуство и значителен пазарен удел, Банката започна да ги нуди и сите преостанати услуги поврзани со хартиите од вредност предвидени со регулативата во Република Македонија.

Во тој контекст, на нашите клиенти им овозможуваме услуги за тргување на Македонската и берзите од регионот, инвестициското советување, управување со портфолио на хартии од вредност, чување на хартии од вредност-custody, депозитарна банка на пензиски и инвестициски фондови и други услуги.

Како новина која започнавте да ја нудите за клиентите е електронското тргување преку апликацијата E-trading, на кој начин заинтересираните клиенти ќе можат да ја користат оваа услуга?

Електронското тргување преку апликацијата E-trading е една новините кои ги воведовме и на клиентите им дава можност, своите купопродажни налози при тргување на Македонската берза да ги задаваат по електронски пат. Предноста на овој сервис е тоа што независно каде се наоѓа клиентот, доволно е да има елeктронски уред со пристап на интернет за да го следи тргувањето и да задава налози.

Апликацијата е едноставана за користење и на клиентите им овозможува комплетен увид во нивното тргување, следење на внес и извршување на налогот во реално време, високо ниво на сигурност, едноставност во пополнувањето на налозите, преглед на портфолиото и паричната состојба, преглед на пазарните податоци, следење на налогот во длабочината на пазарот, и др. погодности.

Најбитно е тоа што, со користењето на апликацијата E-trading, клиентите ќе можат да го заменат традиционалниот начин на тргување кој претпоставува физичко присуство на клиентите за авторизирање на налозите. Отсега, задавањето на налозите може да се направи од нивните домови, од работните места, од странство, додека се на одмор, итн. Воедно, независно од комуникацијата со својот брокер, ќе имаат комплетен увид на пазарот.

Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје припаѓа на групацијата Steiermarkische Sparkasse & Erste Grop, која предност ја добиваат Вашите клиенти, односно дали Вашата групација им дава дополнителна предност на инвеститорите да вложуваат во акции и обврзници преку Шпаркасе банка?

Шпаркасе Банка е дел од меѓународната групација Steiermarkische Sparkasse & Erste Grop која е распространета во Југоисточна Европа и ги покрива најголемиот дел од земјите од опкружувањето. Со оваа позиционираност, Банката им дава квалитетна и сигурна поддршка на клиентите.

Така, нашите клиенти можат непосредно да тргуваат на Загребската, Софиската, Белградската и Љубљанската берза и да тргуваат со било кој финансиски инструмент кој се нуди на овие берзи.

Како дополнителна предност која Групацијата може да ја овозможи во иднина се и инвестициските фондови. Со користењето на овие специјализирани институции, се овозможува на инвеститорите физички и правни лица (кои не се финансиски институции) да вложуваат во хартии од вредност кои не се покриени со СЕЕ Линк (на пример, акции на најголемите светски корпорации).

Во контекст на Групацијата, особено е вредно да се истакне дека на крајот на месец септември се одржа петиот поред Erste investor breakfast, настан наменет за клиентите и учесниците на финансиските пазари. И оваа година, нашите клиенти, деловни партнери и конкуренцијата, преку овој настан можеа да добијат дополнителни информации во врска со локалните, регионалните и светските финансиски пазари.

Каков е интересот за клиентите во однос на вложување во акции на Македонската берза на хартии од вреднсот? Како Шпаркасе банка планира да го привлечете вниманитео на клиентите преку банката да инвестираат во хартии од вредност?

Интересот на клиентите е се поголем и нивниот интерес би го прикажал преку преставување на генаралната статистика. Досегашниот промет на Македонската берза во однос на минатата 2016 година забележува пораст од 49%, берзанскиот индекс МБИ 10 забележа зголемување од 33 %, а пазарана капитализација забележа зголемување од 26%. Во 2017 година беше забележан еден од посилните почетоци, од аспект на промет и цени, на Македонската берза, во последните 10 години.

По аналогија на другите регионални пазари, ниските пасивни каматни стапки (и трендот на нивното понатамошно намалување) се очекува да влијаат позитивно на интересот на клиентите за вложување во акции и удели на инвестициски фондови.

Поинаку кажано, со адекватно информирање на клиентите, сите овие услуги имаат потенцијал да станат дел од стандардната понуда за штедење, паралелно со банкарските депозити.

Како што кажувате „ со адекватно информирање на клиентите, услугите можат да станат дел од понудата за штедење „ Можат ли заинтересираните клиенти да сметаат на советите од Шпаркасе банка во кои акции е најдобро да вложуваат?

Секако, како што веќе потенциравме инвестициското советување е една од новите услуги за кои зборуваме, и ја предвидува токму оваа можност. Независно од тоа дали клиентот ќе продолжи со користењето на услугата, препорачуваме и корисно е да се изврши барем еден разговор со инвестициски советник пред да се пристапи кон било каква активност на финансиските пазари, особено за клиентите кои прв пат вложуваат во финансиски инструменти различни од депозитите.

Што се однесува на услугата инвестиционо советување, во зависност од преференциите на клиентот и нивото на принос и ризик кои ги очекува и прифаќа, инвестициските советници можат да обезбедат релевантни информации со кои ќе се помогне при донесувањето на одлука за вложување. Во тој контекст, се изработуваат/нудат предлог структури на портфолија со проценети приноси и ризици, макроекономски анализи на пазарите каде што Банката може да тргува, фундаментални анализи на издавачите и други специфични извештаи и анализи на барање од клиентите.

Исто така покрај оваа услуга во рамките на Дирекцијата се нуди и услугата Управување со портфолио на хартии од вредност. Оваа услуга, за разлика од инвестиционото советување, предвидува целосно управување на вложувањата во име и за сметка на клиентите.

Што треба да направи клиентот што е заинтересиран да купува акции на некоја од берзите преку Шпаркасе банка?

Процедурата е многу едноставна, потребно е потенцијалните клиенти да се обратат на вработените во Дирекцијата или во експозитурите на Банката, кои ќе ги комплетираат сите активности поврзани со отпочнување на тргувањето со акции на Македонската и/или на останатите регионални берзи.

Формалните процедури за клиентите се значително поедноставени со цел многу полесно и побрзо да ги завршат саканите активности.