• 2017 12 Декември
    Соопштенија ПАРТНЕРСТВО НА ЕБОР СО ШПАРКАСЕ БАНКА МАКЕДОНИЈА ВО ФИНАНСИРАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ

ПАРТНЕРСТВО НА ЕБОР СО ШПАРКАСЕ БАНКА МАКЕДОНИЈА ВО ФИНАНСИРАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО ДОМАЌИНСТВАТА

Шпаркасе банка Македонија е првата банка која се придружува на програмата на ЕБОР за финансирање на енергетската ефикасност во домаќинствата. ЕБОР пласира €2 милиони преку Шпаркасе банка Скопје, средства наменети за инвестиции во енергетска заштеда во домаќинствата.

Овој кредит се одобрува под Програмата за финансирање на енергертска ефикасност за Западен Балкан. Програмата е креирана да им помогне на локалните домаќинства, здруженија за домување и вршителите на услуги, во превземањето на мерки за енергетска ефикасност и реализирање на проекти за финансирање на обновливите извори на енергија. Кредитите се пласираат преку локалните финансиски институции и се дополнети со грантови за корисниците кои ги доделува Европската Унија. По успешно завршување на проектите за реновирање.

Дополнително, ЕБОР обезбедува и средства за Шпаркасе во износ од €3 милиони, кои ќе овозможат долгорочни извори на финансирање за станбено кредитирање.

Анка Јоана Јонеску, Претставник на канцеларијата на ЕБОР во Македонија изјави: ,,Ова е прв пат ЕБОР да пласира средства за поддршка на кредитирањето на население на Македонскиот финансиски пазар. Заедно со Шпаркасе, имаме намера да го прошириме кредитирањето во резиденцијалниот сектор, обезбедувајќи средства за станбено кредитирање и за финансирање на енергетската ефикасност во домаќинствата. Се радуваме на соработката со Шпаркасе и ги охрабруваме македонските домаќинства да инвестираат во енергетска ефикасност. Овие инвестиции не само што ќе им заштедат пари, туку ќе ги направат нивните домови поудобни, истовремено зачувувајќи ја животната околина.”

„Иако средствата од овие кредитни линии се наменети за кредитирање на населението преку одобрување на наменски кредити за заштеда на енергија и станбени кредити, Шпаркасе Банка ќе ги поддржи и компаниите кои што произведуваат енергетски ефикасни производи и градат станови. Тоа треба да придонесе и кон повисок економски раст и отварање на нови работни места“, изјави Глигор Бишев, Претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

Шпаркасе е една од системски значајните банки во Република Македонија, која ги покрива сите главни градови во државата. Банката е во сопственост на Штаермаркише банк унд Шпаркасен АГ (Steiermarkische Bank und Sparkassen AG), штедилница во Австрија, поддржана од Ерсте Групацијата (Erste Group).

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Македонија и до денес има инвестирано над €1.6 милијарди во над 100 проекти во земјата.