• 2020 24 Март
    Соопштенија Исплата на мартовските пензии

Почитувани клиенти, драги пензионери,

Согласно со мерките и препораките на надлежните органи за заштита од корона вирусот Covid-19, Шпаркасе Банка Македонија на своите клиенти пензионери ќе им овозможи пензијата за месец март да им биде на располагање почнувајќи од 25 март 2020 година (среда). Во период од 25 до 27 март исплатата ќе биде достапна за подигнување само од банкоматите на Банката со дебитна картичка без провизија на проширената мрежа од околу 120 банкомати на Шпаркасе Групацијата ширум земјата. Од 28 март (сабота), покрај од банкоматите, исплатата на пензии ќе може да се изврши и преку шалтерите во експозитурите на Банката.

Заради исплатата на пензиите, на 28 март (сабота) ќе работат сите експозитури во Скопје (освен Експозитурата Ѓорче Петров), со работно време од 08:30 до 13:00 часот. Во насоки на заштита на здравјето на нашите клиенти кои се од поризична и посензитивна група граѓани, Банката го поместува работното време на сите експозитури за половина час порано во деновите од 28 до 31 март.

Се замолуваат сите други клиенти да се воздржат од посета на експозитурите особено во периодот до 11 часот, со што би им дале предност на пензионерите и воедно би се избегнале редиците и гужвите пред шалтерите во експозитурите.

При неопходна посета на експозитура Ве молиме придржувајте се до препораките и мерките превземени за заштита и почитувајте го посебниот режим за влез на најмногу двајца клиенти во исто време и одржување на препорачано растојание од најмалку два метра со другите присутни лица во експозитурата. Во сите експозитури се поставени средства за дезинфекција, при што Ве молиме за Ваша заштита да ги дезинфицирате рацете при влез и при излез од експозитурата.

Банкарските услуги се достапни 24/7 преку дигиталните канали, односно апликацијата за електронско банкарство NetBanking и мобилната апликација S-Banking, како и широката мрежа на банкомати низ државата. Потребните информации за нашите понуди и услуги се достапни преку веб-страницата на Банката www.sparkasse.mk, на социјалните мрежи и преку Контакт центарот на телефонскиот број 02/3200-600.

Грижете се за Вашето здравје и спречете го ширењето на корона вирусот.

Шпаркасе Банка Македонија