• 2020 14 Мај
    Соопштенија ЕБОР и ЕУ ги поддржуваат МСП во Северна Македонија преку Шпаркасе Лизинг

Кредит од €1 милион за малите бизниси кои сакаат да се стекнат со возила и опрема на лизинг

Почитувани,

Малите и средни претпријатија (МСП) во Северна Македонија ќе имаат корист од новото финансирање обезбедено од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со цел да инвестираат во комерцијални возила и опрема со повисоки стандарди, задоволувајќи ги ЕУ Директивите во областите на заштита на човековата околина, здравје и безбедност на работното место, како и квалитет и безбедност на производите.

Ова е прва инвестиција на ЕБОР во лизинг секторот во земјата. Банката го одобри кредитот од €1 милион на Шпаркасе Лизинг, компанија во сопственост на постоечкиот клиент Шпаркасе Банка Македонија, која е дел од Ерсте Групацијата, со повеќе од 4% удел на пазарот во Северна Македонија.

Поголемиот дел од финансирањето ќе биде поврзано со поддршка на еколошки проекти кои ги намалуваат емисиите на гасови создавајќи ефект на стаклена градина. МСП ќе можат да го прошират и подобрат работењето преку овозможување на лизинг за камиони, автобуси, електрични и хибридни возила кои го задоволуваат ЕУРО-6 стандардот и опрема за градежништво согласно ЕУ регулативите.

Оваа поддршка доаѓа од Програмата за поддршка на МСП на Западен Балкан, поддржана е од Европската Унија (ЕУ) и се фокусира на подобрување на оперативните и производните стандарди на малите компании, со цел да се поконкурентни на локалните и ЕУ пазари.

МСП кои учествуваат во програмата ќе имаат можност да добијат грант во износ до 15% од сумата на лизингот.

,,ЕБОР е цврсто посветена на поддршката на МСП, кои се клучни економски играчи во земјата и се тешко погодени од панедмијата на корона вирусот. Ова е втората трансакција на Банката од појавувањето на пандемијата и има за цел да го зголеми пристапот до финансии на приватниот сектор во Северна Македонија

Ни претставува задоволство што го потпишуваме нашиот прв проект во лизинг секторот во земјата, и првиот проект воопшто со лизинг компанија во рамките на Програмата за поддршка на конкурентност . Трансакцијата ќе го подобри пристапот на МСП до средства и ќе им помогне да инвестираат во дополнителни ресурси. Ќе ја зголеми нивната свест за поволностите од усогласување со ЕУ стандардите", изјави Анди Аранитаси, Претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

,,ЕУ има мобилизирано пакет итна поддршка во износ од € 66 милиони, во вид на грант за да и помогне на Северна Македонија во справувањето со здравствените и општествено-економските последици кои настанаа од КОВИД-19 кризата. Ова доаѓа дополнително со редовната помош на Унијата наменета за доближување до ЕУ, од која граѓаните и деловниот сектор ќе имаат корист. Од програмата за конкурентност, ЕУ обезбедува 15% грант за кредитите и корисниците на лизинг за МСП. Кај кредитите, ова веќе се покажа како мошне успешна пракса во однос на намалување на трошоците за финансирање на компаниите. Очекуваме и оваа поддршка за користењето на лизинг да биде еднакво атрактивна," изјави Никола Бертолини, Раководител на соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над €2 милијарди во 132 проекти во земјата.