Д-р Глигор Бишев е назначен на функцијата претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје" од 6.6.2013 година. Тој волонтерски ја извршува и улогата на потпретседател во Стопанската комора на Македонија.
Својата кариера ја започна во 1984 година во Народната банка на РМ, најпрво како помлад економист, а подоцна во 1993 година како генерален директор, за во 1994 година да биде назначен за вицегувернер и во периодот од 1997 до 2000 за Заменик гувернер на Народната банка на Македонија. Од 2000 година, Д-р Бишев ја извршуваше функцијата главен извршен директор и претседател на Управниот одбор во Стопанска банка АД Скопје.
Покрај професионалниот ангажман, д-р Бишев е активен и во областа на економските науки, како вонреден професор на Економскиот факултет – Прилеп и професор на постдипломски студии на Економскиот факултет – Скопје.
Тој учествувал во монетарното осамостојување и реформите во Република Македонија. Учествувал во повеќе истражувачки проекти во областите на банкарството и монетарната теорија и политика, применетата економија, економскиот развој, политики на девизниот курс, платниот биланс, меѓународните финансиски институции, тековите на капитал, корпоративното финансирање, инвестициите и финансиските пазари.
Една од позначајните функции што ги извршувал во својата досегашна кариера е копретседавач на Втората работна маса за економска обнова и развој на Пактот за стабилност (јануари - јуни 2000).
Д-р Глигор Бишев, како претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка", е надлежен за поставување на стратегијата на Банката и за продажните активности – работењето со физички лица, за управувањето со средства (ликвидност), за маркетинг и комуникации, за човечки ресурси, за сметководство и контрола, и за координација на Кабинетот на Управниот одбор, ОСИС и Внатрешната ревизија.