Пензиско осигурување
Шпаркасе Банка АД Скопје во соработка со КБ Прво пензиско друштво АД Скопје им овозможува на своите клиенти да склучат договор за членство во задолжителни и доброволни пензиските фондови, со кои управува Друштвото, преку лиценцирани агенти. Оваа можност може да ја искористат лицата кои отвараат платежна сметка или аплицираат за било кој друг производ во Банката.
Договор за членство во КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд Скопје може да склучат лица кои се вработени по првпат, односно прв пат пристапуваат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување по 1 јануари 2019 година и на датумот на пристапувањето се помлади од 40 години Овие лица се задолжителни членови согласно закон, и потребно е да склучат договор за членство со еден од приватните пензиски фондови по сопствен избор. Секој месец со плаќање на придонесите од страна на работодавецот, 18,8% од бруто платата се уплатуваат во Фондот за ПИОСМ, а на членовите на задолжителниот пензиски фонд 12,8% од бруто платата се уплатуваат во фондот за ПИОСМ, додека 6% се префрлуваат на лична индивидуална сметка во задолжителниот пензиски фонд, кадешто тие се оплодуваат со приноси од инвестиции.
Договор за членство во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд Скопје може да склучат сите лица кои се на возраст од 15 до 70 години, но немаат остварено право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување ниту, пак, се корисници на истата, односно лица кои не повлекуваат средства во согласност со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и не остваруваат пензиски надоместок во согласност со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.
Основната цел на Третиот пензиски столб, независно од државното пензиско осигурување, е да обезбеди повисок приход по пензионирањето на вработените лица, пензиски приходи на лицата кои не се вработени или спаѓаат во категоријата на долгорочно невработени лица, лицата вработени на проекти или во странски мисии, лица кои немаат приходи по ниедна основа, дополнително пензиско осигурување на трети лица – брачни другари, членови на семејството итн . Доброволното пензиско осигурување овозможува и доброволно колективно пензиско осигурување – професионални пензиски шеми каде што работодавците уплатуваат дополнителни средства за пензиско осигурување за сите или за дел од своите вработени.
Договор за организирање професионална пензиска шема во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд Скопје може да склучи работодавач или здружение на граѓани со седиште во РСМ кој ќе уплаќа дополнителни доброволни придонеси за своите вработени или членови.
Искористете ја можноста самостојно да ја испланирате и промените својата иднина, информирајте се повеќе на www.kbprvo.com.mk
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk, тел. 02/ 32 24 229