• 2016 16 Февруари
    Соопштенија НАГРАДА ЗА СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО 2016 (Social Impact Award)

НАГРАДА ЗА СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО 2016 (SOCIAL IMPACT AWARD)

Денес во Скопје официјално беше отворен конкурсот за избор на најдобро иновативно решение во сферата на социјалното претприемништво ‘‘Наградата за социјално претприемништво 2016‘‘ (Social Impact Award 2016) наменето за студенти и млади од Македонија.

Наградата за социјално претприемништво по втор пат ќе се организира во Македонија. Оваа награда веќе е присутна во 12 земји во Европа со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Во Македонија истата ќе биде во организација на Младиинфо Интернационал, во партнерство со Шпаркасе Банка Македонија, Пакомак, ЈСП Скопје, Маратон, Конто Профит и Јавна Соба.

Координаторката Марија Матовска, официјално ја отвори Наградата за социјалното претприемништво во Македонија која што ќе биде отворена од денес до 27 април, 2016, со најава дека младите луѓе го имаат претприемачкиот дух, дека е важна поддршката и дека токму овој натпревар е шанса да ја земат иднината во свои раце.

“Драго ми е што Наградата за социјално претприемништво продолжи да живее како приказна. Минатата година започнавме успешни соработки, како онаа со Шпаркасе Банка, и драго ми е дека и годинава таквите соработките само се множат и се повеќе страни се вклучуваат во иницијативата. Среќна сум што и оваа година ќе овозможиме на младите луѓе во Макеоднија да добијат не само финансиска поддршка, туку и менторска. Она што е сменето од минатата година е дека оваа година ќе овозможиме на 10 тимови да минат низ процесот на инкубација. Три идеи ќе бидат наградени од страна на жирито, исто како и еден кој ќе биде изгласан од заедницата“, изјави Антоанета Иванова, коосновач на Младиинфо Интернационал.

„Позитивно сум изненаден од кругот на млади претприемачи кои досега ги сретнав во Македонија.

Неверојатно е да се види колку се сите посветени и веќе инволвирани во кругот на претприемачите и во заложбта да се гради едно подобро општество низ различни бизнис идеи со социјална содржина. Паметам дека седев и јас во публика на еден ваков Kick off настан, во Австрија, пред токму шест години. Се соочував со едно тегобно чувство на несигурност дали мојата идеја навистина може да успее. За секого кој се носи со тоа чувство на несигурност – едноставно оттргенете се од истото и само работете на вашата идеја“, изјави Јакоб Детеринг, директор на Наградата за социјално претприемништво - Европа

„Корпоративната општествена одговорност е вградена во стратегијата на делување на Шпаркасе Банка Македонија и на Ерсте и Шпаркасе Групацијата на која и припаѓаме. Како Банка создаваме долгорочни односи како со клиентите, така и со своите вработени и заедниците во која делуваме. Со поддршката на овој проект во доменот на социјалното претприемништво сакаме да ги поттикнеме младите луѓе да создаваат и креираат идеи, да бидат иновативни и да го развиваат понатаму својот претприемачки дух. Во таа насока и оваа година го поддржуваме овој проект и ќе продолжиме во иднина да поддржуваме проекти кои имаат позитивно влијание кон заедницата“ изјави Викторија Јовановска, Директор на Сектор Управување со физички лица во Шпаркасе Банка Македонија.

Настанот истовремено вклучи и панел дискусија со минатогодишните победници на Наградата за социјално претприемништво. Ирена Јаневска ги претставуваше Coolinari, Бојан Георгиевски го претставуваше тимот на Добра Земја, а Александар Димески стоеше зад идејата за Соларна Концентрациона Електрана. Панелот го модерираше Бистра Кумбароска од Импакт Хаб Виена/Импакт Скопје. Панелистите се сложија дека социјалните бизниси се тука за да креираат повеќе добро во општеството, дека токму овие бизниси ја менуваат играта во граѓанскиот сектор. Социјалните бизниси не постојат за некој лично да се богати, туку дека низ ваквите бизниси враќате нешто назад во општеството. Инвестирате не само за себе, туку и за сите останати. На крај, панелистите ги охрабрија присутните, да бидат пионери во она што сакат да го направат, а не жртви на времето во кое живееме.

Најдобрите десет (10) идеи ќе добијат бесплатно менторство и процес на инкубација. За најдобрите три (3) решенија во областа на социјалните бизниси Шпаркасе Банка Македонија обезбеди парични награди во висина од 3.000 евра, 2.000 евра и 1.000 евра. Покрај паричните награди, ќе се додели и една дополнителна награда од заедницата, која ќе добие дополнителна поддршка во развивање на идејата. Четирите најдобри тимови ќе добијат и бесплатно патување во Виена.

Конкурсот за Наградата во Македонија ќе биде отворен во периодот 16.02.2016-27.04.2016 во чии рамки ќе се одржат и бесплатни работилници за развој на бизнис идеја и бизнис модели во социјалното претприемништво во Скопје, Тетово, Гостивар, Охрид, Битола и Штип. Првата работилница е закажана за 18.02.2016 година во 12часот во Хаб Скопје (ул. „Загребска“ бр. 28 В- Скопје) и сите заинтересирани може да се пријават на: https://www.eventbrite.com/e/21422206396

Повеќе информации за ‘‘Наградата за социјално претприемништво 2015г.‘‘ ќе најдете на: www.socialimpactaward.mk.

‘‘Наградата за cоцијално претприемништво 2015‘‘ (www.socialimpactaward.mk ) претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Македонија. Претставените идеи во рамките на програмата имаат потенцијал да бидат развиени и имплементирани како иновативно решение во областа на социјалното претприемништво. Целта на програмата е да се зголеми интересот меѓу младите за оваа област како и да се поттикнат да размислуваат за создавање социјални бизниси како можност за развој на сопствена кариера.

Наградата за социјално претприемништво е исто така поддржана о од Економски факултет Скопје, Универзитет Климент Охридски - Битола, Универзитет Гоце Делчев - Штип, International Vision University - Гостивар, Европски Универзитет - Република Македонија, Универзитет Американ Колеџ Скопје, Универзитет за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле- Охрид, Универзитетот на Југоисточна Европа, СВТ АЛУМНИ Скопје, Клуб Алпбах Македонија, Студентска организација Излез - Скопје, АЕГЕЕ - Скопје, БЕСТ - Скопје, ЕМСА Македонија, ИАЕСТЕ Македонија, ЕСТЕЕК Македонија, Младинскиот совет при Американската Амбасада во РМ, Codefest, НАПАГ, Фонд за иновации и технолошки развој, ЕМКИЦЕ, Радио МОФ, Групер и Пиксел.