• 2016 19 Мај
    Соопштенија ОТВОРЕНА НОВА ЕКСПОЗИТУРА ВО ВИНИЦА

ПРОШИРУВАЊЕ НА ДЕЛОВНАТА МРЕЖА НА ШПАРКАСЕ БАНКА МАКЕДОНИЈА

ОТВОРЕНА НОВА ЕКСПОЗИТУРА ВО ВИНИЦА


Вчера во 14 часот официјално беше отворена 28-та експозитура на Шпаркасе Банка Македонија во Виница

На свеченото отворање присуствуваа бројни гости и клиенти на Банката од општина Виница и од источниот регион на државата. Претставниците на Шпаркасе Банка Македонија во своето обраќање пред присутните информираа за деловната стратегија за проширување на својата мрежа секаде каде што постои потенцијал и можност. Во рамките на таа стратегија и под своето мото „Банка на вашето семејство“ е и отворањето на новата експозитура во Виница, со што Банката станува достапна како за деловните субјекти така и за граѓанството во тој регион. Како општествено одговорна компанија Банката со своето делување ќе продолжи силно да го поддржува развојот на локалните заедници секаде каде што е присутна. Шпаркасе Банка Македонија како дел од голема Групација , која речиси 2 века овозможува финансиска поддршка и услуги на своите клиенти од регионот на Југоисточна Европа, ја потврдува својата посветеност во делувањето и кон добробитта на заедниците во кои е присутна.

„Со особена чест и задоволство го објавуваме проширувањето на деловната мрежа на Шпаркасе Банка Македонија во источниот регион преку отворање на новата експозитура во општина Виница. Согласно со својата деловна стратегија, Банката го насочува развојот на мрежата на експозитури според потребите и очекувањата на клиентите за користење на широката и атрактивна понуда, особено во источниот регион на државата, кој во изминатите 10-ина години бележи голем развој. Денес можеме да се пофалиме со присуство на повеќе од 8 експозитури во источниот регион или вкупно 28 експозитури во Р. Македонија, преку кои им овозможуваме на клиентите поголема достапност и висок квалитет на банкарска услуга, како и финансиска поддршка за развој на нови бизниси“, изјави Васко Мукаетов, директор на експозитурите од Регионалната дирекција - Исток.

Во рамките на стратегијата за ширење на мрежата на експозитури, Шпаркасе Банка Македонија континуирано се грижи за поголема достапност до своите клиенти, со отворање нови и модерни експозитури, кои ги задоволуваат највисоките стандарди во поглед на простор, функционалност, отворена комуникација и ефикасно опслужување на клиентите. Во секоја од експозитурите, клиентите имаат можност да ги користат атрактивните банкарски производи и услуги, со што тие стануваат уште подостапни за што поголем број граѓани. Шпаркасе Банка Македонија во рамките на платформата за корпоративна општествена одговорност подготви и посебно изненадување за граѓаните на Виница, преку доделување ваучери за вежбање на првите 10-ина клиенти во фитнес-клубот „Central Gym & Fitness Club“ во Виница.

Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, која бележи речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Р. Австрија и претставува синоним за стабилност, сигурност и континуитет во работењето со изграден и препознатлив бренд. Воедно таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Југоисточна Европа дополнително ја зацврстува позицијата на Шпаркасе Банка Македонија како доверлив партнер на сите групи клиенти. Шпаркасе Банка Македонија зaедно со сестринските банки во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и во Црна Гора, е дел од најсеопфатните банкарски мрежи во регионот.

Штаермеркише Шпаркасе Групацијата со својата билансна сума од 14,4 милијарди евра, повеќе од 2.300 вработени и преку 230 експозитури и регионални центри опслужува речиси 700.000 клиенти.