• 2016 25 Октомври
    Соопштенија ПЕНЗИЈА НА 1-ВИ, НОВ ПАКЕТ ЗА ПЕНЗИОНЕРИ НА ШПАРКАСЕ БАНКА

ПЕНЗИЈА НА 1-ВИ, НОВ ПАКЕТ ЗА ПЕНЗИОНЕРИ НА ШПАРКАСЕ БАНКА

Шпаркасе Банка на пазарот го претстави својот најнов пакет услуги наменет за сите пензионери, корисници на услугите на Банката. Имено, станува збор за пакет со кој пензионерите ќе добијат низа предности и поволности, меѓу кои главна предност е подигнувањето пензија редовно на првиот ден од месецот, со што ќе можат практично и навремено да управуваат со своите средства. Доколку првиот ден од месецот е неработен ден, пензијата ќе биде исплатена претходниот работен ден. Пакетот за пензионери на Шпаркасе Банка нуди низа предности, креирани специјално за потребите на оваа група граѓани. Покрај редовната исплата на пензијата секој 1-ви од месецот, пензионерите добиваат и можност за подигнување потрошувачки кредит со фиксна каматна стапка од 7% во првата година, максимален износ до 300.000 МКД и вклучена Полиса за животно осигурување, како и бесплатен траен налог за подмирување на обврските кон Банката од земениот кредит. Корисниците на пензионерскиот пакет добиваат платежна сметка и дебитна картичка на Шпаркасе Банка, со дозволено пречекорување со промотивна каматна стапка од 6% во првите 12 месеци, а ја добиваат и услугата Електронско банкарство без надомест за користење. Покрај тоа, пензионерите корисници на овој пакет ги добиваат и следните предности - во случај на осигуран настан, осигурителното друштво ги презема обврските на кредитокорисникот, како и едноставен начин на плаќање на премијата за животното осигурување. Дополнително, во случај на предвремено затворање на кредитот, осигурителната полиса се предава на клиентот.

Пакетот за пензионери на Шпаркасе Банка им е достапен на сите пензионери што ќе аплицираат за оваа услуга. Апликацијата е лесна и едноставна, а предностите на пакетот се многубројни. За оваа, како и за другите услуги на Шпаркасе Банка, клиентите може да се обратат во најблиската експозитура на Шпаркасе Банка Македонија.

Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, која бележи речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Р. Австрија и претставува синоним за стабилност, сигурност и континуитет во работењето со изграден и препознатлив бренд. Воедно таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Југоисточна Европа дополнително ја зацврстува позицијата на Шпаркасе Банка Македонија како доверлив партнер на сите групи клиенти. Шпаркасе Банка Македонија зaедно со сестринските банки во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и во Црна Гора, е дел од најсеопфатните банкарски мрежи во регионот.